Повеќе од 412.000 руски војници загинале во војната во Украина од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година, покажуваат протечени документи од руската државна статистичка агенција „Росстат“, до кои дошле хакерски групи.
Според британски „Гардијан“, белоруската хакерска група „Cyber Partisans“ и украинската „Silent Crow“ успеале да дојдат до повеќе од 11 милиони потврди за смрт.
Во документите се идентификувани 412.576 смртни случаи директно поврзани со војната во Украина.
Руската агенција „Росстат“ потврдила дека била цел на хакерски напад, но негирала дека биле преземени чувствителни информации. „Гардијан“ нагласува дека не успеал независно да ја потврди автентичноста на целата база.
Експертите предупредуваат дека вистинскиот број загинати би можел да биде значително поголем и да се приближува до 500.000, бидејќи дел од војниците сè уште се водат како исчезнати или не се идентификувани.
Податоците откриваат и дека најголеми загуби претрпеле посиромашните региони на Русија. Во одредени источни области, воените загуби сочинувале околу една третина од сите смртни случаи кај мажите на возраст од 18 до 49 години во анализираниот период.
Особено загрижувачки се податоците според кои во одредени месеци од 2024 и 2025 година загинувале повеќе од 15.000 руски војници месечно, односно над 500 дневно.
Овие информации се појавуваат непосредно пред новите мировни преговори меѓу Русија и Украина во Абу Даби, со посредство на САД.







