Голема полициска акција во Унгарија го привлече вниманието на јавноста, откако се појавија информации дека меѓу приведените лица е и Арон Орбан, помладиот брат на поранешниот унгарски премиер Виктор Орбан.
Унгарскиот премиер Петер Маѓар на социјалните мрежи објави дека, според медиумските информации, Арон Орбан бил приведен поради сомнение за шверц на луѓе. Неговото приведување во првичните соопштенија не беше потврдено по име од надлежните институции.
Полицијата потврди дека во Будимпешта и околината биле спроведени претреси на повеќе локации и дека се приведени четири лица, осомничени за организирано шверцување луѓе.
Според унгарските медиуми, случајот е поврзан со сомнителни постапки за добивање шенгенски визи за државјани на Виетнам.
Истражителите се сомневаат дека странските државјани биле запишувани на кратки образовни програми во Унгарија, со што им се олеснувало добивањето визи за влез во Шенген-зоната.
Според полициските информации, во шемата можеби биле вклучени повеќе од 100 виетнамски државјани.
За случајот реагираше и Виктор Орбан, кој обвини дека акцијата е политички мотивирана и дека вистинската цел е тој, а неговиот брат се користи како средство за политичка пресметка.
Истрагата продолжува, а надлежните треба да ја утврдат одговорноста на осомничените лица.







