Нови детали излегуваат на виделина за тешката автобуска несреќа кај Загреб, во која загинаа две лица, а десетици патници беа повредени. Возачот на автобусот, 55-годишниот Дејан В. од Србија, пред обвинителството ја изнел својата верзија за трагедијата.
Според информациите на хрватските медиуми, возачот негирал дека заспал зад воланот, како што претходно тврделе дел од патниците.
„Бев одморен и спиев додека колегата возеше. Потоа се сменивме на одморалиште. Одеднаш, додека возев, ми падна шеќерот во крвта. Инаку, имам здравствени проблеми со шеќерот“, изјавил возачот, според неофицијалните информации.
Тој нагласил дека има долгогодишно возачко искуство, односно 20 години управувал со камиони, а седум години со автобуси.
„Никогаш повеќе нема да седнам зад волан“, наводно изјавил пред истражните органи.
Несреќата се случила во неделата, околу 7:25 часот, на автопатот во близина на Загреб. Автобусот излетал од коловозот, ја пробил заштитната ограда и се превртел.
Во трагедијата животот го загубиле 17-годишен државјанин на Црна Гора и 53-годишна жена со потекло од Сплит.
На возачот му е определен едномесечен истражен притвор во затворот Реметинец, поради опасност од бегство и повторување на кривичното дело.
Надлежните органи продолжуваат со истрагата за утврдување на точната причина за несреќата.








