По поразот на вонредните парламентарни избори во Србија, Александар Вучиќ и Српската напредна странка (СНС) се соочуваат со нова политичка реалност. По речиси 14 години доминација, партијата преминува во опозиција, но Вучиќ најавува дека нема намера да се повлече од политичката сцена.
Српски „Курир“ анализира пет фактори на кои Вучиќ би можел да се потпре во обидот повторно да ја освои власта.
Првиот е неговата лична решителност и најавата дека ќе продолжи со политичката борба и покрај изборниот пораз.
Вториот адут е значителната поддршка од гласачите. Според официјалните резултати, листата „Александар Вучиќ – Обединета Србија“ освоила 1.731.323 гласа и 103 пратенички мандати, додека победничката Студентска листа освоила 140 мандати.
Третиот фактор е партиската инфраструктура на СНС, која, според анализата на „Курир“, во голема мера останала зачувана и по изборниот пораз. Партијата и понатаму има значително присуство во локалната власт.
Четвртиот адут е парламентарната борба. Вучиќ смета на директни политички дебати и настапи во Собранието, преку кои ќе се обиде да ја зајакне својата позиција во опозицијата.
Петтиот фактор се економските и инфраструктурните проекти реализирани за време на неговото владеење, кои СНС планира да ги истакнува како дел од својот политички биланс.
Сепак, останува неизвесно дали овие фактори ќе бидат доволни за политичко враќање. Србија влегува во нов период во кој парламентарното мнозинство го има Студентската листа, а СНС се подготвува за опозициско дејствување.







