ПРВ.мк
Свет

Русија и Украина попуштаат околу териториите? Американците открија што се случува зад затворени врати

Русија и Украина попуштаат околу териториите? Американците открија што се случува зад затворени врати

Русија и Украина наводно покажуваат поголема подготвеност за компромис околу територијалните прашања, во пресрет на новата рунда мировни преговори што ќе се одржат во Абу Даби, со посредство на Соединетите Американски Држави.

Како што пренесува „Ројтерс“, повикувајќи се на американски функционер, двете страни во приватните разговори покажале одредена флексибилност во однос на можната размена на територии.

Досега, Украина инсистираше на повлекување на руските сили до првичните граници, додека рускиот претседател Владимир Путин бара контрола врз целиот регион Донбас.

Сепак, според американскиот претставник, постојат сигнали дека Москва и Киев би можеле да разгледуваат компромисни решенија.

Една од главните теми на претстојните преговори ќе бидат безбедносните гаранции за Украина, вклучително и можноста за воспоставување механизам за заштита сличен на членот 5 од НАТО.

Американските преговарачи Стив Виткоф и Џаред Кушнер ќе ги предводат посредничките напори на Вашингтон за време на дводневните разговори.

Не е исклучена можноста тие по средбите во Абу Даби да отпатуваат во Москва на разговори со рускиот претседател Владимир Путин.

Американската страна изразува внимателен оптимизам дека може да се постигне напредок, но предупредува дека преговорите ќе бидат сложени и долготрајни.

И покрај позитивните сигнали, засега нема постигнат договор за териториите, а евентуалното решение се очекува да биде меѓу последните прашања во мировниот процес.