Американскиот претседател Доналд Трамп во своето прво големо интервју по меѓуизборите на 3 ноември призна дека неговата администрација можеби претерала со строгите мерки за депортација на мигранти, но истовремено порача дека не се кае за воената интервенција против Иран.
Во интервју за емисијата „60 Minutes“ на CBS, Трамп зборуваше за изборниот пораз на републиканците, имиграциската политика, војната со Иран и иднината на Републиканската партија.
Тој оцени дека масовните депортации можеби биле премногу строги, особено во случаите на мигранти кои со години живеат во САД, работат и плаќаат даноци. Притоа изрази подготвеност за разговори со демократите за можен договор околу имиграцијата.
Осврнувајќи се на изборните резултати, Трамп призна дека војната со Иран им нанела политичка штета на републиканците, особено поради поскапувањето на горивата и незадоволството на граѓаните.
Сепак, нагласи дека повторно би ја донел одлуката за напад врз Иран, бидејќи смета дека земјата не смее да развие нуклеарно оружје.
Говорејќи за претседателските избори во 2028 година, Трамп не сакаше да потврди дали ќе го поддржи потпретседателот Џеј Ди Венс како свој наследник, но упати пофалби за државниот секретар Марко Рубио.
Особено внимание привлече неговата изјава за политичките противници, кога призна дека некои од нив ги мрази и дека веројатно никогаш нема да им прости.
Во интервјуто беа отворени и прашања за богатството на семејството Трамп и можните судири на интереси, но претседателот ги отфрли сомнежите, тврдејќи дека со семејните бизниси управуваат неговите синови.








