ПРВ.мк
Црна Хроника

ПО СМРТТА НА МЛАДИОТ СПОРТИСТ СЛЕДУВААТ ОТКАЗИ: Четворица уапсени, стотина вработени излегоа на протест

ПО СМРТТА НА МЛАДИОТ СПОРТИСТ СЛЕДУВААТ ОТКАЗИ: Четворица уапсени, стотина вработени излегоа на протест

Нови информации се појавуваат во јавноста за случајот со смртта на 32-годишниот спортист Кристијан Јосип Периш во психијатриската болница „Свети Иван“ во загрепската населба Јанкомир.

Адвокатот на семејството за хрватски RTL изјавил дека располагаат со документација која, според нив, покажува дека починатиот спортист не манифестирал агресивно однесување.

Во меѓувреме, околу стотина вработени во болницата излегле на протест по апсењето на четворица медицински техничари осомничени за смртта на пациентот.

Синдикалните претставници изразиле сочувство до семејството, но побарале нивните колеги да не бидат однапред осудувани пред завршувањето на истрагата и објавувањето на обдукциските резултати.

Истовремено, потврдено е дека тројца вработени добиле вонредни откази. Директорката на болницата, Мајда Грах, објаснила дека одлуката е донесена врз основа на утврдените околности и законските обврски.

Синдикатите, пак, сметаат дека отказите се незаконски и бараат подобрување на безбедносните услови во установата. Меѓу прифатените барања е и ангажирање дополнително обезбедување.

За случајот се огласи и хрватската министерка за здравство Ирена Хрстиќ, која потврди дека Министерството постапува по пријавата доставена од адвокатот на семејството.

Таа нагласи дека здравствената инспекција ги презема потребните активности во рамките на своите надлежности.

Истрагата за смртта на младиот спортист продолжува, а надлежните органи треба да ги утврдат точните околности и евентуалната кривична одговорност.