Поранешниот директор на Младинскиот културен центар (МКЦ), Бени Шаќири, ќе биде нов советник на скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски, објави „Скопјеинфо“.
Неговиот нов ангажман доаѓа по кадровските промени во Младинскиот културен центар, каде што досегашната директорска функција ја презема поранешниот портпарол на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
Шаќири раководеше со МКЦ од јануари 2024 година, кога беше назначен за време на мандатот на поранешната градоначалничка Данела Арсовска.
Тој претходно беше активен и на политичката сцена. На локалните избори во 2021 година се кандидираше за градоначалник на Скопје, поддржан од коалицијата „Одлучно за промени“, предводена од ЛДП и ДОМ.
Информациите за промените во МКЦ се појавија на 6 ноември, а Шаќири денеска потврди дека поднел неотповиклива оставка од директорската позиција.
Со најавениот ангажман, Шаќири ќе ја продолжи својата професионална кариера во Град Скопје, овојпат како советник на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.








