Инспекцискиот надзор спроведен во Центарот за социјална работа во Гевгелија не утврдил неправилности во постапувањето во случајот со 17-годишната Билјана Кириќ од Богданци, информираат од надлежното министерство.
Според официјалните наоди, социјалните служби ги презеле предвидените законски мерки за заштита на малолетничката.
Центарот бил известен од полицијата на 2 октомври за настан што се случил на 30 септември. Веднаш бил контактиран таткото на девојката, а на 5 октомври биле извршени разговори и земени официјални изјави од него и од Билјана.
Следниот ден социјалните работници разговарале и со Виктор Гунтаров, кому му било укажано на недозволивоста на насилното однесување и можните последици.
По проценката на ризикот, Центарот побарал судска заштита. Судот определил шестмесечна забрана за закани, вознемирување и контактирање со девојката, како и забрана за приближување на помалку од 100 метри.
Од надлежните институции информираат дека досега во МВР не е регистрирана пријава за прекршување на изречените мерки.
Инспекцискиот надзор следува по протестите против насилството врз жените, на кои беа изнесени обвинувања и за евентуални пропусти на други институции.
Од министерството нагласуваат дека инспекцискиот заклучок се однесува исклучиво на Центарот за социјална работа во Гевгелија, а не и на постапувањето на останатите институции.








