ПРВ.мк
Црна Хроника

(ВИДЕО) БРОЈОТ НА ЗАГИНАТИ СЕ ЗГОЛЕМУВА: Над 70 возила се судрија во густа магла!

(ВИДЕО) БРОЈОТ НА ЗАГИНАТИ СЕ ЗГОЛЕМУВА: Над 70 возила се судрија во густа магла!

Најмалку 11 лица загинаа, а 48 се повредени во две големи верижни сообраќајни несреќи што утрово се случиле на автопатот „Тракија“ во југоисточна Бугарија. Во судирите учествувале повеќе од 70 возила, меѓу кои автомобили, камиони, автобуси и комбиња, соопшти бугарскиот премиер Румен Радев пред новинарите во Варна. Локалните медиуми, пак, јавуваат дека бројот на загинати можеби достигнал 12.

Несреќите се случиле околу 7 часот по локално време, во близина на клучката Зимница, во услови на исклучително густа магла. Првиот верижен судир бил пријавен на 289. километар од автопатот, во правец кон Бургас, додека втората несреќа се случила на 294. километар, непосредно пред клучката Зимница, во насока кон Софија.

Гувернерот на областа Сливен, Михаил Кашеров, кој пристигнал на местото на несреќата, изјавил дека глетката е исклучително тешка и дека во текот на животот не видел нешто слично. Според информациите со кои располагал, во двата верижни судири биле вклучени повеќе од 70 возила, а бројот на загинати надминувал десет лица.

Десетици повредени, дел од нив во критична состојба

Во болницата во Јамбол биле примени 13 повредени лица, додека во Окружната болница во Сливен биле пренесени 18 лица. Тројца од повредените во Сливен се наоѓаат во исклучително тешка состојба.

Претходно, заменик-директорот на болницата во Јамбол, Валентин Валчев, соопштил дека кај нив биле згрижени 11 повредени, од кои поголемиот дел имале сериозни повреди. Седум лица имале повеќекратни повреди, односно политрауми, додека тројца се здобиле со скршеници на екстремитетите.

Претставничката на Европскиот центар за транспортни политики, Дијана Русинова, претходно изјавила дека повредените се повеќе од 50 и дека дел од учесниците во несреќите сè уште се заробени во возилата. Сепак, оваа бројка засега не била официјално потврдена.

Спасувачите сечеле лим за да ги извлечат заробените лица

Акцијата за спасување била исклучително сложена. Шефот на сообраќајната полиција во Јамбол, Тодор Мишинов, посочил дека на одредени места спасувачките екипи морале да сечат делови од автомобилите за да ги извлечат луѓето од уништените возила.

Во операцијата се вклучила и воена единица од Кабила. На терен биле испратени повеќе од 20 припадници на 42. механизиран баталјон од Јамбол, кои помагаат во спасувањето и извлекувањето на повредените.

Поради тешкиот пристап до одредени делови од местото на несреќата, не сите возила на итната медицинска помош можеле директно да стигнат до повредените. Поради тоа, дел од нив биле пренесувани рачно, на носила, до местата каде што можеле да бидат преземени од медицинските екипи.

Активиран системот за предупредување, во готовност и воени авиони

Системот за рано предупредување бил активиран во областите Јамбол, Бургас и Сливен.

Во готовност биле ставени и хеликоптери за евентуален воздушен транспорт на повредените до Бургас. Доколку биде потребно, од таму пациентите би биле пренесени со воен авион „Спартан“.

Воениот авион „Спартан“ веќе бил поставен на аеродромот во Бургас и бил подготвен да се вклучи во транспортот на пациентите. Кашеров разговарал и со министерката за здравство Катја Ивкова, која потврдила дека ќе биде обезбеден и втор авион од истиот тип доколку се појави потреба од дополнителен воздушен транспорт.

За тројцата пациенти кои се наоѓаат на одделението за реанимација било одлучено најпрво да им биде укажана медицинска помош на самото место. Дури потоа ќе се процени дали нивната здравствена состојба дозволува безбеден транспорт до Бургас.

Густата магла и мокриот коловоз меѓу можните причини

Како можни причини за двете тешки сообраќајни несреќи, директорот на обласната патна управа ги посочил густата магла, влажниот коловоз и неприлагодената брзина на движење.

Автопатот „Тракија“ останува целосно затворен во двата правци сè додека не бидат отстранети сите оштетени и хаварисани возила и не се овозможат услови за безбедно одвивање на сообраќајот.

Бугарскиот премиер Румен Радев изразил длабоко сочувство до семејствата и блиските на загинатите.

Тој за трагичните случувања ја информирал и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на почетокот на нивниот заеднички брифинг во Варна.

ВИДЕО