Системот „Безбеден град“ ќе продолжи да се проширува и во други градови низ Македонија. По досегашното воведување во повеќе градови и на дел од главните патни правци, следни на листата се Струмица, Штип и Битола, каде што ќе започне поставувањето на системот за автоматско регистрирање на сообраќајните прекршоци.
Според најавите, системот во Струмица се очекува да започне со работа во првата недела од декември, по што ќе следува негово воведување и во Штип и Битола.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски најави дека целта е до февруари „Безбеден град“ да биде воведен на територијата на целата држава.
Паралелно со проширувањето на системот, Министерството за внатрешни работи планира и дополнителни мерки за контрола на сообраќајот. Една од нив е поставување камери во полициските возила, кои ќе можат да ја мерат брзината на другите учесници во сообраќајот дури и додека полициските автомобили се движат.
Предвидена е и набавка на мобилни камери што ќе се поставуваат на различни локации, особено на таканаречените црни точки – патни делници на кои најчесто се случуваат тешки сообраќајни несреќи со загинати и повредени лица.
На овој начин, МВР сака да овозможи прекршоците да се откриваат на која било локација, а не само на местата каде што се поставени фиксните камери. Целта е возачите да не можат да ја приспособуваат брзината единствено кога се приближуваат до познатите точки за контрола.
Колкав е обемот на прекршоците што досега ги регистрирал системот покажуваат и податоците на МВР. Во периодот од 2 февруари до 20 август 2026 година биле евидентирани вкупно 310.865 сообраќајни прекршоци.
Од нив, дури 301.835 се однесувале на возење со брзина поголема од дозволената.
Од Министерството очекуваат проширувањето на „Безбеден град“, заедно со новите мобилни камери и контролата од полициските возила, да придонесе за намалување на бројот на сообраќајни несреќи и за поголема безбедност на патиштата низ целата држава.






