Бугарија утре ќе прогласи ден на жалост по тешката сообраќајна несреќа на автопатот „Тракија“, во која животот го загубија 12 лица, а десетици други беа повредени.
Бугарскиот премиер Румен Радев ја опиша несреќата како „црн ден за цела Бугарија“, упатувајќи сочувство до семејствата на загинатите.
Повредените биле пренесени во болниците во Бургас, Сливен и Јамбол. Според информациите што ги соопштила министерката за здравство Катја Ивкова, во трите здравствени установи биле згрижени вкупно 51 пациент.
Најголем број повредени, односно 33 лица, биле примени во болницата во Сливен. Во здравствената установа во Јамбол биле пренесени 11 пациенти, додека седум лица добиле медицинска помош во Бургас.
Здравствената состојба на дел од повредените е особено сериозна. Тринаесет пациенти се во тешка состојба и се под постојан лекарски надзор. Во болницата во Бургас, еден од повредените бил подложен на сложена операција поради повеќекратни повреди. Според проценките на лекарите, постојат сериозни шанси пациентот да ја преживее несреќата.
Премиерот Радев најави дека заедно со министерката за здравство лично ќе ги посети повредените во болниците. Тој воедно им се заблагодари на спасувачките екипи и на граѓаните кои учествувале во извлекувањето и помагањето на настраданите, во исклучително тешки временски услови и при значително намалена видливост.
Бугарските власти презеле и дополнителни мерки за да обезбедат транспорт на повредените и потребната медицинска помош. Во готовност е ставен владиниот авион на аеродромот во Бургас, како и двата воени транспортни авиона „Спартан“, кои се наоѓаат на аеродромот Безмер.
Леталата ќе бидат употребени доколку се процени дека е потребно дополнително транспортирање на пациентите или обезбедување медицинска поддршка.





