ПРВ.мк
Македонија

КРАЈ ЗА ВОЗАЧИТЕ КОИ ЗАБРЗУВААТ ПОМИНУВАЈЌИ КАЈ КАМЕРИТЕ: „Сејф сити“ добива нов начин на контрола!

КРАЈ ЗА ВОЗАЧИТЕ КОИ ЗАБРЗУВААТ ПОМИНУВАЈЌИ КАЈ КАМЕРИТЕ: „Сејф сити“ добива нов начин на контрола!

Министерството за внатрешни работи планира да воведе мобилни камери за мерење на брзината, кои ќе бидат вградени во полициските возила и ќе можат да ги регистрираат сообраќајните прекршоци дури и додека полициските автомобили се движат.

Ова го најави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, посочувајќи дека покрај постојните фиксни камери, полицијата ќе располага и со мобилни уреди што ќе може да се поставуваат на различни локации, особено на делниците каде што постои зголемен ризик од сообраќајни несреќи.

Причината за воведувањето на ваквиот начин на контрола е тоа што возачите веќе ги препознаваат местата на кои се поставени камерите од системот „Сејф сити“. Поради тоа, дел од нив ја намалуваат брзината кога се приближуваат до камерите, но веднаш штом ќе ги поминат, повторно забрзуваат и продолжуваат да возат спротивно на сообраќајните правила.

Тошковски вели дека е позитивно тоа што возачите постепено се запознаваат со начинот на кој функционира системот и со локациите на камерите. Сепак, проблемот настанува кога ќе ја поминат зоната во која се врши контрола и повторно ќе почнат да возат со несоодветна брзина, со што ги загрозуваат и сопствената безбедност и животите на останатите патници во возилото.

„Возачите полека, полека учат каде се лоцирани камерите, како детектираат прекршоци и така натаму и тоа е добро. Но лошо е кога ќе ја поминеме онаа критична точка која што знаеме дека е предмет на детектирање од страна на радар-камера, повторно забрзуваме и повторно возиме несоодветно и се изложуваме на ризик и ние и оние коишто се со нас во возилото, а најчесто тоа се нашите најблиски“, изјави Тошковски.

Според анализите на МВР, користењето исклучиво фиксни камери не е доволно за да се постигне посакуваниот превентивен ефект. Причината е што возачите однапред знаат на кои места се контролира брзината и можат да го приспособат возењето само додека минуваат низ тие зони.

Затоа, како што објасни министерот, експертите предложиле во постојните полициски возила да се инсталираат камери што ќе можат да ја мерат брзината и да ги регистрираат прекршоците на различни локации, вклучително и додека возилото е во движење.

„Предлогот којшто го добивме од експертите е во рамки на постојните возила коишто ги имаме да инсталираме камери коишто ќе може да ја детектираат брзината, а тие може да се постават каде било. Може во движење да констатираат особено управување со недозволена брзина од страна на учесниците во сообраќајот и во иднина ќе се фокусираме особено на овој дел“, рече Тошковски.

Покрај камерите во полициските автомобили, МВР планира и набавка на дополнителни мобилни уреди за контрола на сообраќајот. Тие ќе се поставуваат на таканаречените црни точки, односно на патните делници каде што најчесто се случуваат тешки сообраќајни несреќи во кои има загинати и повредени лица.

Целта на новите мерки е возачите да не можат да претпостават каде точно се врши контрола на брзината и да бидат свесни дека сообраќајните прекршоци можат да бидат регистрирани на која било локација, а не само пред фиксните камери на системот „Сејф сити“.