Страшни сцени и сведоштва пристигнуваат од местото на двете големи верижни сообраќајни несреќи на автопатот „Тракија“ во Бугарија, каде што во утринските часови се судрија десетици возила поради густата магла. Според последните информации, во несреќите животот го загубиле 12 лица, а 48 се повредени.
Судирите се случиле околу 7 часот, во близина на клучката „Зимница“, на подрачјето на 290-тиот километар од автопатот. Поради исклучително тешката состојба и големата материјална штета, во општините Стралџа, Тунџа и Јамбол е прогласена делумна вонредна состојба.
Одлуката ја донел регионалниот гувернер на Јамбол, Георги Чалаков, а мерката стапила во сила на 10 ноември 2026 година, во 7:30 часот, соопштила локалната регионална администрација.
Сведоците кои се нашле на автопатот во моментот на несреќата раскажуваат за исклучително тешки сцени и за моментите во кои се обидувале да го избегнат судирот.
„Несреќата ја видовме во последниот момент и мислевме дека можеби ќе успееме да ја избегнеме. Бевме вториот автомобил, но возилата зад нас предизвикаа дополнителни проблеми. Овде сме уште од 7:30 часот“, раскажал еден од сведоците.
Друго лице кое се нашло меѓу оштетените возила ја опишало случката како кошмар. Според неговото сведоштво, големата брзина придонела за трагедијата, а видливоста на патот била сведена на само еден до два метра поради густата магла.
Особено потресно е сведоштвото на жена која патувала во еден од автобусите што се нашле во несреќата. Таа раскажала дека патниците биле натрупани едни врз други, а откако успеале да излезат од возилото, веднаш почнале да се оддалечуваат за да не бидат во опасност доколку автобусот се запали.
„Вистинскиот ужас беше внатре во автобусот. Бевме натрупани еден врз друг. Кога излеговме, почнавме да се оддалечуваме од автобусот за да не се запали“, раскажала жената.
Уште еден сведок не успеал да ги опише сцените на местото на несреќата со зборови, нагласувајќи дека од сите страни се слушале повици за помош и врисоци.
„Не можам да најдам зборови за да ја опишам глетката. Целосен ужас. Од сите страни се слушаа врисоци“, изјавил тој.
Снимките направени од дрон дополнително ги покажуваат размерите на несреќата, со голем број уништени и оштетени автомобили, амбулантни возила и екипи на противпожарните служби на автопатот. Поради сериозноста на инцидентите, сообраќајот на автопатот „Тракија“ бил затворен во двата правци.
Во двете верижни несреќи учествувала и една цистерна, но, според заменик-министерот за внатрешни работи на Бугарија, Калојан Калојанов, засега нема истекување на нејзиниот товар. Тој потврдил и дека на коловозот нема расфрлани опасни материи.





