ПРВ.мк
Македонија

ДИК ГИ ПОТВРДИ РЕЗУЛТАТИТЕ: Во 33 општини изборите за градоначалници завршени во прв круг! Ова се деталите

ДИК ГИ ПОТВРДИ РЕЗУЛТАТИТЕ: Во 33 општини изборите за градоначалници завршени во прв круг! Ова се деталите

Изборната трка во земјата полека добива завршница – Државната изборна комисија (ДИК) денеска официјално соопшти дека во 33 општини изборите за градоначалници се целосно завршени во прв круг, а резултатите се конечни и правосилни.

Претседателот на ДИК, Борис Кондарко, на денешната 149-та седница потврди дека до вчера истекле сите законски рокови за поднесување приговори за евентуални неправилности при гласањето или при утврдувањето на резултатите.

Од вкупно 44 општини во кои беа објавени првични официјални резултати, во 11 општини се поднесени приговори, додека во останатите 33 нема забелешки, па таму изборниот процес е затворен.

Кондарко појасни дека ДИК денес и утре ќе постапува по пристигнатите приговори, а подносителите ќе имаат право да поднесат тужба до Управниот суд, доколку не се согласат со одлуките на Комисијата.

Општините каде што изборите се завршени во прв круг: Берово, Битола, Василево, Вевчани, Гевгелија, Ѓорче Петров, Градско, Делчево, Демир Хисар, Желино, Зелениково, Илинден, Јегуновце, Кавадарци, Карбинци, Кисела Вода, Кратово, Крива Паланка, Липково, Новаци, Ново Село, Охрид, Петровец, Пехчево, Пласница, Радовиш, Сарај, Свети Николе, Сопиште, Старо Нагоричане, Струмица, Теарце и Штип.

Општини со поднесени приговори, каде резултатите сè уште не се конечни: Арачиново, Богданци, Босилово, Бутел, Велес, Гази Баба, Кривогаштани, Прилеп, Ресен, Чаир и Чашка.

Конечните резултати за овие општини ќе бидат објавени по донесувањето на одлуките од ДИК, односно по евентуалните постапки пред Управниот суд.

Советнички избори – конечни резултати во 64 општини ДИК информираше и дека во 64 општини нема поднесено приговори за гласањето за општински совети, па таму резултатите се исто така конечни.

Меѓу овие општини се: Град Скопје, Битола, Куманово, Охрид, Кочани, Кавадарци, Тетово, Струга, Струмица, Центар, Карпош, Свети Николе, Делчево, Пробиштип, Валандово, Радовиш, Гевгелија, Боговиње, Берово, Демир Капија, Крушево, Македонски Брод, Пласница, Илинден, Сарај, Желино, Брвеница, Василево, Теарце, Чучер Сандево и други.

За советничките листи се поднесени 17 приговори, меѓу кои за општините Шуто Оризари, Босилово, Прилеп, Гази Баба, Чашка, Аеродром, Долнени, Ресен, Бутел, Гостивар, Кривогаштани, Богданци, Чаир, Велес, Виница, Карпош и Кичево.

На седницата на ДИК едногласно беа одбиени пет приговори поднесени за лично избирачко право, кои, според Кондарко, биле „неосновани“.

Вкупно, до ДИК биле поднесени 57 приговори, од кои 37 се однесуваат на утврдување и сумирање на резултатите, а 20 на самата постапка на гласање.

Со ова, 33 општини веќе имаат нови градоначалници избрани во прв круг, а за останатите – политичката неизвесност продолжува, додека јавноста го очекува исходот од приговорите и евентуалните одлуки на Управниот суд.

Escape