ПРВ.мк
Македонија

30 години од атентатот што ја потресе Македонија: Киро Глигоров преживеа експлозија, но извршителите сè уште се непознати!

30 години од атентатот што ја потресе Македонија: Киро Глигоров преживеа експлозија, но извршителите сè уште се непознати!

На денешен ден, точно 30 години од еден од најцрните денови во историјата на независна Македонија  обидот за атентат врз првиот претседател на државата, Киро Глигоров. Нападот, иако неуспешен во својата цел, зад себе остави жртви, повредени и голема мистерија која до ден-денес не е целосно разрешена.

Нападот што ја шокираше државата

На 3 октомври 1995 година, утринските часови во центарот на Скопје беа потресени од силна експлозија. Бомбата беше подметната во автомобил „Цитроен Ами 8“, паркиран близу хотелот „Бристол“, активирана со далечински управувач токму во моментот кога возилото со претседателот Глигоров поминуваше покрај него на пат кон Собранието.

Во нападот загина неговиот возач, Александар Спировски, а тешко беа повредени телохранителот Илчо Теовски и самиот претседател Глигоров, кој доби тешки повреди на главата и подоцна му беше извршена сложена операција при која изгуби едно око.Од експлозијата загина и случајниот минувач Христо Христоманов, а уште двајца минувачи, Климе Коробар и Јован Атанасовски, беа повредени.

Експлозија со воена моќ

Истрагата покажа дека експлозивната направа била изработена со компоненти од арсеналот на поранешната ЈНА, содржела околу 20 килограми експлозив, вклучувајќи и 1 килограм пластичен експлозив со стотици челични топчиња кои имале смртоносен ефект во радиус од 50 метри. Возилото „Ами 8“ било внимателно избрано токму поради тенкиот лим, што овозможило експлозијата да биде поразорна.

Истрага без епилог

И покрај обемната истрага, во која беа вклучени над 30.000 прегледани возила и 188.000 легитимирани лица, како и помош од тајните служби на САД, Велика Британија и Германија, организаторите и извршителите на атентатот никогаш не беа откриени.

Тогашниот министер за внатрешни работи, Љубомир Фрчкоски, на првата прес-конференција (одржана во американските простории во центарот на Скопје) изјави дека зад нападот стои мултинационална финансиско-економска групација со седиште во една соседна земја. Но, конкретни имиња никогаш не беа објавени.

Автобиографија и крајот на животот на Глигоров

За нападот што засекогаш ќе го обележи неговиот живот, Глигоров напиша автобиографска книга „Атентат – ден потоа“, која ја објави во 2002 година. Во неа, детално ја опиша драмата, последиците и политичката позадина на настанот.

Киро Глигоров почина на 1 јануари 2012 година, во 94-тата година од животот, од природна смрт. Останува запаметен како еден од најважните политички лидери на македонската независност, но и како човек кој буквално ја преживеа смртта.