Судот на Менхетн го осуди матурантот Хирам Кареро на осум години затвор откако призна дека намерно запалил бездомник кој спиел во вагон на метрото во Њујорк.
Нападот се случил во раните утрински часови на 1 декември 2025 година. Според обвинителството, Кареро запалил парче хартија и го употребил за да ја запали жртвата, која во тој момент спиела, а потоа ја оставил во вагон што бил во движење.
Обвинителите наведоа дека животот на бездомникот бил спасен само благодарение на брзата реакција на службите за итна помош, кои интервенирале веднаш по пристигнувањето на возот на следната станица. Жртвата се здобила со тешки изгореници, трајни лузни и деформитети.
Во судските документи обвинителството оцени дека случајот „бил одвоен од убиство само поради среќна случајност“ и побара максимална казна.
Одбраната, пак, побара поблага пресуда, наведувајќи дека Кареро имал исклучително тешко детство. Според неговата адвокатка, тој бил роден предвреме, со траги од наркотици во организмот, а веднаш по раѓањето бил напуштен од биолошките родители. Дополнително, за време на пандемијата престанал редовно да посетува настава, што, според одбраната, дополнително влијаело врз неговиот развој.
„Зборовите не се доволни за да се изрази длабокиот срам и каење што ги чувствува Хирам“, изјави неговата адвокатка пред судот.
Случајот привлече големо внимание во САД, бидејќи се случи во период кога беа регистрирани повеќе насилни напади во јавниот превоз, во кои жртви биле полевани со запаливи материи или намерно запалувани.








