ПРВ.мк
Свет

Семејство ја тужи „Тесла“ по трагедијата: Автомобил влета во куќа и усмрти жена

Семејство ја тужи „Тесла“ по трагедијата: Автомобил влета во куќа и усмрти жена

Семејството на 76-годишната Марта Авила, која загина откако автомобил „Тесла“ влета во нејзиниот дом, поднесе тужба против компанијата на Илон Маск и против возачот на возилото, барајќи отштета поголема од еден милион долари.

Тужбата ја поднеле ќерката на жртвата, Џенифер Барбур, и нејзиниот сопруг. Тие тврдат дека несреќата е последица на недостатоци во дизајнот на возилото, како и на невнимание од страна на компанијата и возачот Мајкл Батлер.

Несреќата се случила во петокот вечерта, кога автомобилот пробил низ ѕидот на куќата и ја приклештил Авила додека се наоѓала во дневната соба. Таа подоцна починала во болница од здобиените повреди.

Возачот им изјавил на истражителите дека во моментот на несреќата го користел системот за автономно возење. Од локалната полиција соопштиле дека тој соработувал со истрагата и не покажувал знаци на алкохолизираност или употреба на недозволени супстанции.

Илон Маск преку социјалната мрежа X ја отфрли можноста автопилотот да е виновен за несреќата.

„Системот за целосно автономно возење вози бавно по станбени улици, а ова беше судир при огромна брзина“, напиша Маск.

Неговите тврдења ги поткрепи и потпретседателот за софтвер со вештачка интелигенција во „Тесла“, Ашок Елусвами, кој наведе дека податоците од возилото покажуваат оти возачот рачно го исклучил автономното возење и ја притиснал педалата за гас до 100 проценти. Според него, автомобилот во моментот на ударот се движел со брзина од околу 118 километри на час.

Во тужбата семејството се повикува и на претходни извештаи за несреќи поврзани со системите за автономно возење на „Тесла“, додека истрагата за случајот ја водат локалните власти и Националната управа за безбедност во сообраќајот на САД (NHTSA). Засега против возачот не е поднесена кривична пријава.