Министерството за внатрешни работи поднесе кривични пријави против четири малолетници и петмина родители во врска со случајот на насилство врз 12-годишно девојче што неодамна ја вознемири јавноста во скопската населба Аеродром.
Според информациите од МВР, две малолетнички се осомничени за кривичното дело „насилство“, еден малолетник се товари за „поттикнување“, додека уште еден малолетник е пријавен за „неовластено снимање“.
Освен против малолетниците, кривични пријави се поднесени и против петмина родители поради сомнение за сторено кривично дело „запуштање и малтретирање на дете“.
Од Министерството посочуваат дека по целосното документирање на случајот биле преземени законски мерки против сите лица за кои постои сомнение дека се поврзани со инцидентот.
За делата што им се ставаат на товар, Кривичниот законик предвидува и затворски казни, а за понатамошниот тек на постапката ќе одлучуваат надлежните правосудни органи.
Случајот предизвика силни реакции во јавноста, отворајќи повторно прашања за врсничкото насилство, улогата на родителите и одговорноста при вакви инциденти.








