ПРВ.мк
Македонија

МОН објави нов ценовник: Ова се сумите што студентите ќе ги плаќаат за сместување

МОН објави нов ценовник: Ова се сумите што студентите ќе ги плаќаат за сместување

Министерството за образование и наука го објави конкурсот за прием на студенти во државните и приватните студентски домови за академската 2026/2027 година, а со него се познати и новите цени за сместување.

Според условите објавени од МОН, студентите кои ќе бидат сместени во реконструираниот студентски дом „Стив Наумов“ ќе плаќаат 6.600 денари месечно. Овој дом е категоризиран како објект од Тип 1, а вкупната цена за сместување изнесува 11.000 денари, од кои државата ќе субвенционира 40 проценти, односно 4.400 денари.

За студентите сместени во другите државни домови и во приватните студентски домови со кои Министерството има договор, месечната партиципација ќе изнесува 3.410 денари. Во овој случај МОН ќе покрива 50 проценти од вкупната цена од 6.820 денари.

Во новата академска година студентите ќе можат да конкурираат за сместување во девет државни и приватни студентски објекти. Меѓу државните домови се „Гоце Делчев“ во Скопје, реконструираниот „Стив Наумов“, бараките „Стив Наумов“, „Кочо Рацин“ во Битола и студентскиот дом во Тетово.

Достапни ќе бидат и приватните студентски домови „Хилјадников“ во Штип и „Логос“. Студентите во Охрид, поради реконструкцијата на домот „Никола Карев“, ќе бидат сместувани во одморалиштето на МВР, додека во Штип, поради реконструкција на „Браќа Миладиновци“, ќе се користи поранешниот приватен дом „ОАЗА“.

Најголеми капацитети имаат студентскиот дом „Гоце Делчев“ со 1.216 легла и реконструираниот „Стив Наумов“ со 1.014 легла.

Од МОН велат дека цената за студентското сместување повеќе од две децении не била променета и изнесувала околу 3.400 денари месечно. Според Министерството, во тој период значително се зголемиле трошоците за струја, вода, греење и други услуги, поради што досегашниот модел на финансирање станал неодржлив.

Од ресорното министерство најавуваат дека платите на вработените во студентските домови ќе се исплаќаат преку буџетот на МОН, со што, како што велат, ќе се намали притисокот врз средствата што ги плаќаат студентите.

Од Министерството нагласуваат дека поделбата на домовите на различни категории не значи поделба на студентите, туку воведување модел според условите и вложувањата во објектите.

Конкурсот за студентите кои се втора година или повисоко е отворен до 31 јули 2026 година, додека конкурсот за бруцошите ќе биде објавен на 14 септември.

За реконструкција на студентските домови, според најавите на МОН, обезбедени се 86 милиони евра преку Германската развојна банка и Регионалниот центар за енергетска ефикасност.