ПРВ.мк
Македонија

ПОЗНАТО Е КОГА: Скопје добива 150 нови електрични автобуси – избран е најповолниот понудувач

ПОЗНАТО Е КОГА: Скопје добива 150 нови електрични автобуси – избран е најповолниот понудувач

Министерството за транспорт соопшти дека е избран најповолниот понудувач во постапката за набавка на 150 електрични автобуси и 75 станици за полнење, што претставува еден од најголемите проекти за модернизација на јавниот превоз во Скопје.

На јавниот повик пристигнале четири понуди, а по евалуацијата, условите за учество во електронската аукција ги исполниле две компании – BMC Otomotiv Sanayi ve Ticaret Anonim Sirketi и IKARUS Electric Zrt, која настапува во заедничка понуда со EVN.

По одржаната електронска аукција, најниска цена понудила IKARUS Electric Zrt во заедничка понуда со EVN, со вредност од 3.120.956.004 денари без ДДВ. Според Комисијата за јавни набавки, токму оваа понуда е предложена за избор како најповолна.

Сега следува рок од 10 дена за поднесување жалби, по што, доколку нема пречки, ќе биде склучен договор со избраниот понудувач.

Според предвидената динамика, по потпишувањето на договорот:

  • првите 30 електрични автобуси и 15 станици за полнење треба да бидат испорачани во рок од шест месеци,
  • дополнителни 60 автобуси и 30 станици во рок од 12 месеци,
  • а преостанатите 60 автобуси и 30 станици најдоцна во рок од 18 месеци.

Со реализацијата на овој проект се очекува значително обновување на возниот парк на јавниот превоз во Скопје, со цел намалување на загадувањето и подобрување на квалитетот на услугата за патниците.