Океаните во јули достигнале рекордно високи температури, покажуваат најновите податоци на европската климатска служба „Коперник“. Просечната температура на морската површина, без поларните региони, достигнала 20,96 степени Целзиусови, со што бил надминат претходниот јулски рекорд од 2023 година.
Истовремено, јули бил вториот најтопол јули досега регистриран на глобално ниво, со просечна температура за 1,47 степени повисока од проценетото прединдустриско ниво.
Особено изразени температурни аномалии се регистрирани во Европа. Западниот дел од континентот поминал низ исклучително топол почеток на летото, проследен со долги сушни периоди и бројни шумски пожари.
Рекордно топла морска површина била забележана долж атлантскиот брег на Европа и во западниот дел на Средоземното Море, создавајќи услови за силни и долготрајни морски топлотни бранови.
Паралелно со високите температури, повеќе европски земји се соочуваат и со сериозен недостиг од врнежи. Франција, Шпанија, делови од Германија и Велика Британија бележат сушни услови, додека влажноста на почвата во голем дел од Западна Европа е на исклучително ниско ниво.
Загрижувачка е и состојбата со големите европски реки. Водостоите на Сена, Рајна и Дунав се значително под просекот.
Научниците предупредуваат дека комбинацијата од рекордно топли океани, суши, ниски речни водостои и сè почести топлотни бранови дополнително ги покажува размерите на климатските промени.








