Денеска се одбележува Меѓународниот ден на лубеницата – едно од најомилените летни освежувања. Благодарение на тоа што содржи околу 92 проценти вода, лубеницата е одличен избор за хидратација во топлите денови.
Иако е нискокалорична и содржи само 30 до 40 калории на 100 грама, експертите предупредуваат дека не е подеднакво погодна за сите. Поради природните шеќери што ги содржи, кај некои луѓе може да предизвика побрзо покачување на нивото на гликоза во крвта.
Фармацевтскиот експерт Екатерина Банковскаја советува лубеницата да се комбинира со интегрален или 'ржан леб. Според неа, влакната во овие намирници ја забавуваат апсорпцијата на шеќерите, придонесуваат за подолго чувство на ситост и го намалуваат оптоварувањето на панкреасот.
Лубеницата може да се комбинира и со сирење со помалку маснотии, шунка или свежи салати, со што оброкот станува побалансиран.
Експертите предупредуваат дека лицата со дијабетес, хронични заболувања на бубрезите или камења во бубрезите треба да бидат особено внимателни. Кај овие состојби, консумирањето лубеница треба да биде ограничено и во согласност со препораките на лекар.
За здрав возрасен човек, препорачаната количина е околу 400 до 500 грама дневно, односно две до три парчиња со средна големина. Кај бремените жени се препорачува умереност, бидејќи прекумерната консумација може да придонесе за појава на отоци, а доилките треба да ја следат реакцијата на бебето при воведување на оваа намирница.
Инаку, иако најчесто ја сметаме за овошје, лубеницата ботанички припаѓа на семејството тикви, во кое спаѓаат и краставиците, тиквите и дињите.









