Домашните миленици не се само животни, туку често претставуваат единствен извор на емоционална поддршка за луѓето кои се соочуваат со бездомништво, семејно насилство или тешка економска состојба, покажува ново истражување на Универзитетот „Автонома“ во Барселона и Фондацијата ФААДА.
Во студијата, објавена во научното списание Frontiers in Psychology, биле опфатени 100 лица на возраст од 19 до 80 години кои живеат во ранливи животни околности.
Резултатите покажуваат дека 90 проценти од испитаниците го сметаат своето куче или мачка за единствен извор на поддршка и физичка блискост. Кај 91 процент, миленичето е првото кон кое се обраќаат кога се тажни или вознемирени, додека 90 проценти велат дека токму нивното животно им дава причина секое утро да станат од кревет.
Дополнително, 71 процент од учесниците веруваат дека нивниот миленик би останал покрај нив дури и кога сите други би ги напуштиле.
Според д-р Жауме Фатјо од Универзитетот „Автонома“ во Барселона, домашните миленици не ги заменуваат човечките односи, но обезбедуваат чувство на сигурност, друштво и емоционална утеха, што може да биде од огромно значење за луѓето кои се чувствуваат осамени или отфрлени.
Авторите на истражувањето нагласуваат дека институциите треба повеќе да ја препознаат оваа поврзаност и да развиваат социјални програми што нема да ги разделуваат ранливите лица од нивните миленици. Според нив, зачувувањето на оваа врска може да има важна улога во подобрувањето на менталната благосостојба и квалитетот на животот на најранливите категории граѓани.








