ПРВ.мк
Магазин

11 години ја подготвувале книгата за Шварценегер: Голи фотографии и детали од животот што малкумина ги знаат

11 години ја подготвувале книгата за Шварценегер: Голи фотографии и детали од животот што малкумина ги знаат

По цели 11 години работа, уредничката на издавачката куќа „Ташен“, Дијан Хансон, го завршила досега најобемниот фотографски омаж посветен на Арнолд Шварценегер. Монографијата има 528 страници, тежи повеќе од четири килограми и открива низа ретки фотографии и необични детали од животот на актерот, бодибилдер и поранешен гувернер на Калифорнија.

Во изданието се вклучени фотографии од приватната архива на Шварценегер, но и дела на познати фотографи и уметници како Ричард Аведон, Ени Лајбовиц и Енди Ворхол. Покрај неговата кариера, книгата открива и како изгледа неговото секојдневие далеку од камерите.

Една од поинтересните приказни се однесува на неговиот дом во Лос Анџелес. И покрај големата вила, Шварценегер наводно најмногу време поминува во кујната или покрај огништето, додека околу него слободно се движат неговите миленици – кучиња, минијатурно магаре, мини-коњ и прасе.

Хансон открива и необична навика што ја поврзува со неговото сиромашно детство во Австрија. Кога Шварценегер ќе пронајде нешто што му се допаѓа, знае да купи повеќе исти примероци.

„Ако купува еден пар каубојски чизми, тој мора да купи 10 пара одеднаш бидејќи во детството немал ништо“, објаснила Хансон.

Посебно внимание привлекуваат и фотографии од 1970-тите години на кои Шварценегер позира гол. Станува збор за серија направена од фотографот Франческо Скавуло, која Хансон по долга потрага ја пронашла во складиште во Њујорк. Според текстот, самиот Шварценегер дал дозвола фотографиите да бидат вклучени во монографијата.

Книгата открива и дека неговите приватни канцеларии наликуваат на мал филмски музеј. Таму се чуваат оригинални предмети и фигури поврзани со „Терминатор“, „Предатор“ и ликот Мр. Фриз, кои успеал да ги задржи благодарение на клаузули во договорите.

Меѓу анегдотите е и фотографијата на која Шварценегер и поранешниот американски претседател Бил Клинтон за време на вечера внимателно гледаат во иста насока. На прашањето што толку им го привлекло вниманието, Шварценегер се пошегувал дека не станувало збор за хуманитарни проекти, туку за згодна жена.

Иако стана светска ѕвезда благодарение на акционите филмови, Шварценегер открил дека еден од неговите омилени проекти за снимање бил „Полицаецот од градинка“ („Kindergarten Cop“), бидејќи токму таму ја открил својата комична страна и уживањето во работата со деца.