ПРВ.мк
Магазин

Под нашите нозе има огромно богатство, но никогаш нема да стигнеме до него: Еве каде е 99,99% од златото

Под нашите нозе има огромно богатство, но никогаш нема да стигнеме до него: Еве каде е 99,99% од златото

Најголемото количество злато на Земјата не се наоѓа во рудниците, ниту во трезорите и банките, туку илјадници километри под нашите нозе – во јадрото на планетата.

Според истражување на геохемичари од Универзитетот во Гетинген, објавено во научното списание „Nature“, повеќе од 99,999 отсто од златото на Земјата завршило во нејзиното јадро уште во раната фаза од создавањето на планетата.

Пред повеќе од 4,5 милијарди години, кога Земјата била исклучително жешка, тешките елементи како златото, платината и рутениумот постепено тонеле кон нејзиниот центар. На тој начин огромни количества од овие метали останале заробени на длабочина од околу 3.000 километри.

Токму затоа златото денес е релативно ретко во Земјината кора. Не затоа што на планетата го има малку, туку затоа што најголемиот дел е на место до кое човекот практично не може да стигне.

Научниците сега откриле и нешто дополнително интересно – јадрото можеби не е целосно изолирано од останатиот дел од Земјата.

Истражувајќи базалтни карпи од Хаваите, меѓу кои и примероци поврзани со вулканот Килауеа, научниците откриле специфичен изотопски потпис на рутениум-100. Заедно со необичните вредности на изотопите на волфрам, ова се смета за показател дека исклучително мала количина материјал со потекло од јадрото може да стигне до плаштот, а потоа и поблиску до површината.

Тоа, сепак, не значи дека хавајските вулкани исфрлаат огромни количества злато. Истражувачите во примероците не пронашле злато од јадрото, а количината материјал што се пренесува е исклучително мала.

Една од хипотезите е дека при многу бавното ладење на јадрото на неговата надворешна граница се создаваат тенки слоеви од метални оксиди богати со рутениум и волфрам. Дел од тој материјал потоа би можел да навлезе во жешките столбови што се издигнуваат низ плаштот и на крајот да остави хемиски траги во вулканските карпи.

Хаваите се особено интересни за вакви истражувања бидејќи се смета дека тамошниот вулканизам е поврзан со длабоки столбови од жежок материјал кои се издигнуваат од голема длабочина.

Следниот чекор на научниците е да бараат слични хемиски траги и на други места, меѓу кои и Источна Африка. Доколку бидат откриени, тоа би било дополнителен показател дека размената на материјал меѓу јадрото и плаштот не е феномен ограничен само на Хаваите.

А богатството од злато? Тоа и понатаму останува практично недостижно, заклучено длабоко во внатрешноста на планетата.