Иако повеќето луѓе внимаваат на личната хигиена, многумина не се свесни дека предметите кои секојдневно ги допираат се вистинско жариште на бактерии и вируси.
Истражувањата покажуваат дека работното биро и тастатурата се меѓу најконтаминираните места во канцеларијата. Според некои анализи, на просечно биро може да има стотици пати повеќе бактерии отколку на ВЦ шолја, а тастатурата содржи милиони микроорганизми.
Веднаш зад неа е мобилниот телефон, кој постојано го држиме во раце, го ставаме на различни површини и ретко го чистиме.
Експертите предупредуваат дека редовното миење на рацете е една од најважните мерки за спречување на ширење на вируси и бактерии. Болести како грипот, норовирусот и други инфекции лесно се пренесуваат преку допирање на загадени површини, а потоа и на лицето.
Особено ризични се кваките на вратите, копчињата во лифтовите, количките во супермаркетите, компјутерските глувци и заедничките работни површини, бидејќи нив ги користат голем број луѓе.
Здравствените експерти препорачуваат рацете темелно да се мијат со обичен сапун и вода најмалку 20 секунди, особено по користење тоалет, по ракување со други лица, по престој на јавни места и пред јадење.
Со едноставни хигиенски навики, како редовно миење на рацете и повремено чистење на мобилниот телефон, тастатурата и работното биро, значително може да се намали ризикот од ширење на инфекции.







