ПРВ.мк
Култура

На денешен ден пред 98 години се родило името Рацин – љубовната приказна зад најпознатиот македонски псевдоним

На денешен ден пред 98 години се родило името Рацин – љубовната приказна зад најпознатиот македонски псевдоним

На 6 октомври 1928 година, дваесетгодишниот Кочо Солев од Велес направил гест кој подоцна ќе стане дел од историјата на македонската книжевност – ѝ испратил картичка на Рахилка Фирфова, позната како Раца, и ѝ соопштил дека нејзиното име го зема како свое.

Токму од името на тогаш 17-годишната девојка произлегло книжевното име Рацин, под кое Кочо Солев подоцна ќе стане еден од најзначајните македонски автори.

Во картичката тој ѝ напишал: „Го земам твоето име како мое, а затоа ти подарувам бесмртност“.

Иако оваа приказна денес често се поврзува со романтична љубов, според подоцнежните сведоштва на Раца, двајцата никогаш не размениле ниту еден збор. Нивната необична комуникација се одвивала преку картичките што Рацин ѝ ги испраќал во текот на 1928 и 1929 година.

Во нив имало љубовни исповеди, стихови и лични размислувања, а Раца за младиот поет претставувала силна инспирација во неговото рано творештво.

Дел од текстовите од тој период подоцна биле обединети во ракописната збирка „Антологија на болката“, посветена токму на Рахилка Фирфова.

Во една од картичките Рацин напишал и дека неговото идно име засекогаш ќе го поврзува со неа. Она што во тој момент било интимна порака на млад поет, подоцна навистина станало трајна врска меѓу името на Раца и книжевното наследство на Кочо Рацин.

Рацин потекнувал од сиромашно семејство во Велес и уште млад работел како грнчар, а паралелно самостојно се образувал преку читање и пишување.

Неговото творештво подоцна опфатило поезија, проза, есеи, критики и историски записи, но најзначајно место во неговиот опус има стихозбирката „Бели мугри“, објавена во 1939 година во Самобор.

Со ова дело Рацин се вбројува меѓу клучните автори во развојот на современата македонска литература. Во неговите песни централно место имаат работникот, сиромаштијата, неправдата, трудот и човековото достоинство.

Иако користел и други псевдоними, токму името Рацин останало засекогаш поврзано со неговото дело.

Според сведоштвата, на Раца ѝ испратил повеќе од триесет картички, од кои дел подоцна биле изгубени. Зачуваните денес претставуваат важно сведоштво за неговата младост, личните чувства и почетоците на неговиот книжевен идентитет.

Кочо Рацин загинал во 1943 година на планината Лопушник, на само 34-годишна возраст.