Денес министерот за култура и туризам Зоран Љутков ја посети Локалната библиотека „Гоце Делчев“ во Велес, институција која со децении ги чува книжевните богатства и промовира културни настани во градот.

Библиотеката располага со богат фонд, пространа читална и секојдневно е на услуга на илјадници граѓани. Министерството за култура, преку Одделението за библиотечна дејност, во 2025 година поддржа четири значајни проекти: „Лето во библиотека“, „Набавка на монографски публикации за возрасни“, „Набавка на монографски публикации за деца“ и „Полица за секоја книга“. Со овие проекти се обезбедуваат нови наслови за сите генерации, се поттикнува љубовта кон читањето и се овозможува книгите да бидат достапни за секој љубител на пишаниот збор.

Министерот истакна дека Министерството за култура останува посветено на поддршка на библиотеките како столб на културниот и образовниот развој и дека со вакви вложувања се гради иднина во која книгата ќе биде неизоставен дел од секој дом.



