ПРВ.мк
Култура

Суспензија на овие две скопски кина од мрежата „Еуропа Синемас“ - ова е причината!

Суспензија на овие две скопски кина од мрежата „Еуропа Синемас“ - ова е причината!

Скопје се соочува со сериозен културен удар откако мрежата Europa Cinemas, една од најзначајните европски кино-платформи, ги суспендираше членствата на кината „Милениум“ и „Фросина“, ставајќи крај на нивното речиси 15-годишно присуство во оваа престижна мрежа.

Причините се сериозни – кино „Милениум“ е затворено уште од април 2024 година, додека „Фросина“ не успеала да одржи континуирана филмска програма поради акумулирани долгови кон филмските дистрибутери.

Двете кина се под надлежност на Младинскиот културен центар (МКЦ), институција за која вработените уште минатата година предупредуваа дека се наоѓа во длабока криза.

Според извори од филмската фела, членството во Europa Cinemas не е само престиж, туку клучен механизам за опстанок, европска видливост и финансиска поддршка. За да останат дел од мрежата, кината мора да исполнуваат строги професионални стандарди – редовни проекции, активна програма со европски филмови, континуитет во работа и стабилна публика.

Прекинот во функционирањето на „Милениум“ и „Фросина“, како и неможноста за одржување редовна кино-програма, довеле до неисполнување на овие услови, поради што двете скопски кина повеќе не се дел од европската кино-мапа.

Овој развој на настаните отвора сериозни прашања за иднината на МКЦ, но и за културната понуда во главниот град, особено ако се земе предвид дека токму ваквите мрежи обезбедуваат меѓународна соработка, европски филмски содржини и поддршка за локалната културна сцена. За многумина, ова е аларм дека една од најважните културни институции во Скопје се соочува со опасност од понатамошно маргинализирање.