Доколку сакате вкусен домашен десерт, но немате време за комплицирани рецепти, оваа кремаста торта со кафе е одлично решение. Се подготвува со само шест состојки, без печење и без долготрајно стоење во кујната.
За подготовката се потребни околу 10 минути активна работа, но тортата мора да отстои во фрижидер најмалку четири часа пред послужување.
Комбинацијата од бисквити, маскарпоне, слатка павлака и кафе создава богат и кремаст десерт, кој е одличен избор за семејни собири или кога ви се јаде нешто слатко.
Потребни состојки
За подлогата:
- 250 грама мелени бисквити
- 90 грама растопен путер
- 50 милилитри млеко
За кремот:
- 250 грама маскарпоне
- 500 милилитри слатка павлака
- 3 супени лажици инстант кафе
Начин на подготовка
Најпрво во поголем сад ставете ги мелените бисквити, додајте го растопениот путер и млекото, па добро измешајте додека не добиете изедначена смеса.
Смесата распоредете ја на дното од кружен калап со пречник од 22 сантиметри, притискајќи ја со лажица за да формирате цврста и рамномерна подлога.
Потоа започнете со подготовка на кремот.
Од вкупната количина слатка павлака одвојте околу 80 милилитри и ставете ги во мало тенџере заедно со инстант кафето.
Загревајте на умерена температура со постојано мешање, сè додека кафето целосно не се раствори. Потоа тргнете го садот од оган и оставете ја смесата целосно да се излади.
Во друг сад кратко изматете го маскарпонето, а потоа постепено додајте ја преостанатата слатка павлака и матете со миксер додека не добиете густ и мазен крем.
Во подготвениот крем додајте ја изладената мешавина од кафе и павлака, па повторно изматете додека сите состојки не се соединат.
Добиениот фил рамномерно распоредете го врз подлогата од бисквити и измазнете ја површината.
Тортата ставете ја во фрижидер најмалку четири часа, за кремот убаво да се стегне.
Пред послужување внимателно отстранете го обрачот од калапот, а по желба украсете со малку какао во прав.
Резултатот е нежна и кремаста торта со богат вкус на кафе, за која не е потребно ниту печење ниту подготовка на класични кори.
Овој едноставен рецепт е идеален за сите што сакаат брз десерт со малку состојки, а притоа да изгледа и да има вкус како торта од слаткарница.








