Тројца идентични браќа близнаци од Калифорнија привлекоа огромно внимание на социјалните мрежи откако решија заедно да отпатуваат во Турција за да направат трансплантација на коса.
Алекс, Мичел и Шон Визли имаат 33 години, живеат во Шерман Оукс во Калифорнија и на различните интернет-платформи имаат вкупно околу 1,5 милиони следбеници.
Браќата се познати по хумористичните видеа и заедничките авантури, но во февруари годинава решиле со својата публика да споделат и едно поинакво искуство.
Причината за патувањето во Истанбул била постепеното губење на косата, проблем со кој најпрво се соочил Шон.
„Почнав прилично брзо да ја губам косата и сфатив дека е време или да го решам тоа или целосно да ја избричам главата“, раскажал тој.
Шон на шега признал дека неговите браќа веројатно не би му дозволиле единствен тој да има погуста коса, па затоа сите тројца решиле да ја направат процедурата.
Неговите браќа објасниле дека, бидејќи се идентични тројки, очекувале и самите да се соочат со сличен проблем.
Операциите биле извршени на 24 февруари во специјализиран центар за трансплантација на коса во Истанбул.
Процедурата траела речиси осум часа, а според нивните сведоштва, најголемиот предизвик дошол за време на закрепнувањето.
Шон открил дека најтешко било спиењето, бидејќи морале да ја држат главата во одредена положба и да внимаваат да не го оштетат пресаденото подрачје.
Мичел, пак, истакнал дека медицинската процедура поминала според планот и дека болката била минимална.
Сепак, браќата не ја пропуштиле можноста да се пошегуваат на своја сметка.
„Кога излегуваш во јавност по операцијата, изгледаш малку чудно. Но, многу е полесно кога покрај тебе има уште двајца момци што изгледаат како Франкенштајн“, се пошегувал Шон.
За тројцата браќа, патувањето во Турција не било само естетска интервенција, туку уште едно заедничко искуство што дополнително ги поврзало.
Тие признаваат дека, иако секојдневно се расправаат за ситници, секогаш се поддржуваат во важните животни одлуки.
„Не можете да ги замените своите браќа и сестри. Семејството секогаш е тука за вас“, порачал Алекс.
Според нивните изјави, закрепнувањето се одвивало според планот, а во периодот по интервенцијата постепено се вратиле и на вообичаените активности, вклучително и тренинзите.
Браќата сега ги очекуваат конечните резултати од трансплантацијата, а нивната приказна привлече внимание поради необичната одлука сите тројца заедно да го направат истиот зафат.






