Несекојдневна приказна од Гватемала предизвика огромно внимание на социјалните мрежи, откако 15-годишно девојче, за кое неговото семејство верувало дека починало, ненадејно се разбудило во мртовечки ковчег за време на погребните обреди.
Станува збор за Џулејди Искотојак, која претходно изгубила свест додека нејзиниот татко ја превезувал кон медицински центар.
Според пишувањето на британскиот „Сан“, таткото Абрахам Искотојак, кој е евангелистички пастор, го запрел автомобилот и се обидел да провери дали неговата ќерка дише и има пулс.
Бидејќи не забележал знаци на живот, поверувал дека девојчето починало.
Меѓутоа, смртта не била официјално потврдена од лекар, ниту била издадена потврда за смрт.
Семејството набавило ковчег и организирало бдеење во местото Ел Хокоте, каде што се собрале роднини и пријатели за да се простат од девојчето.
Но, додека нејзината мајка Лесвија Риос плачела над ковчегот, забележала нешто што целосно го променило текот на настаните.
„Постојано повторував дека е жива. Додека плачев над ковчегот, го отворивме прозорчето и таа почна да се движи, се разбуди и одеднаш седна“, раскажала мајката за локалните медиуми.
Присутните останале запрепастени, а дел од роднините почнале да извикуваат „Алелуја“.
На видеоснимката што се проширила на интернет се гледа како девојчето седи во ковчегот, додека членовите на семејството ѝ помагаат.
Џулејди подоцна раскажала дека пред да изгуби свест почувствувала силна болка во градите и тежина, по што ѝ се стемнило пред очите.
„Му благодарам на Бога и на моите родители што сум жива. Рацете сè уште ми се тресат, но силата полека ми се враќа“, изјавила таа.
Според семејството, девојчето сега е свесно и закрепнува во домашни услови.
Сепак, околностите на случајот остануваат неразјаснети. Нема медицинска потврда дека девојчето навистина било клинички мртво, а здравствените власти на Гватемала засега не се огласиле за настанот.
Случајот повторно го отвора прашањето за опасностите од прогласување смрт без лекарски преглед и соодветна медицинска потврда.






