Несекојдневен инцидент се случил во рускиот град Орск, каде што жена паднала од петтиот кат на станбена зграда додека се обидувала да исчисти клима-уред поставен на надворешната страна од нејзиниот стан.
Драматичниот момент бил снимен од камера поставена на соседна зграда, а видеото го забележало не само падот, туку и она што следувало неколку минути подоцна.
Според информациите објавени во руските медиуми, жената изгубила рамнотежа додека работела околу клима-уредот, по што паднала од голема височина.
По падот останала да лежи на земјата приближно десет минути, додека сведоците стравувале за нејзиниот живот.
Но, потоа следувал неочекуван пресврт.
Жената успеала да се прибере, самостојно станала од земјата и се вратила во својот стан, без ничија помош.
Очевидците, вознемирени од сериозноста на несреќата, веднаш повикале итна медицинска помош.
Кога лекарите пристигнале на адресата, жената им ја отворила вратата и, според медиумските извештаи, им кажала дека се чувствува добро.
Нејзината реакција предизвикала дополнително изненадување, со оглед на височината од која паднала.
Сепак, засега нема официјални информации за нејзината здравствена состојба, ниту е познато дали била пренесена во болница на дополнителни прегледи.
Не е соопштено ниту дали при падот се здобила со повреди.
Иако по несреќата можела самостојно да се движи, тоа не значи дека немала сериозни повреди, бидејќи последиците од пад од голема височина не мора веднаш да бидат видливи.
Снимката од инцидентот привлече големо внимание на социјалните мрежи, а случајот уште еднаш потсетува на опасностите од чистење и одржување клима-уреди на високи катови без соодветна заштита.






