Со премиерата на претставата „Ние двајцата и Алојз“, во режија на Деан Дамјановски, актерката Слободанка Чичевска синоќа, на 8 октомври, го одбележа својот голем професионален јубилеј – 40 години работа во ансамблот на Театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ во Велес, како и 45 години од нејзиното прво појавување на театарската сцена.

Јубилејот е посвета на четири децении посветеност, творечка истрајност и љубов кон театарската уметност, но и на актерка која остави значаен белег во македонскиот театарски живот, создавајќи ликови што остануваат во сеќавањето на публиката.
Во премиерната изведба на „Ние двајцата и Алојз“, Чичевска го толкува ликот на Јоана Јонова, настапувајќи заедно со Васил Зафирчев, во улогата на Кристијан Василев, и Филип Христовски, кој го толкува ликот на Алојз Алцхајмер. Претставата е работена според драмскиот текст на романскиот автор Космин Стенила „Сите нешта што ми ги украде Алојз“.











