ПРВ.мк
Култура

КУЛТУРЕН ФОКУС ВО ВЕЛЕС: Започнуваат 63. Рацинови средби - ова е богата културна програма!

КУЛТУРЕН ФОКУС ВО ВЕЛЕС:  Започнуваат 63. Рацинови средби - ова е богата културна програма!

Програмата на годинашните 63. Рацинови средби продолжува на 7 јуни со акција за крводарување под наслов „Ти подарувам бесмртност“, која ќе се одржи во Ликовниот салон во Велес од 9 до 15 часот. Настанот го организира Општинскиот Црвен крст Велес во соработка со Институтот за трансфузиона медицина од Скопје и Општина Велес.

Манифестацијата започна на 31 мај со атлетската трка „Трчаме за Рацин“, а ќе биде заокружена со свечено отворање на 15 јуни. Тогаш ќе биде доделено Рациновото признание за 2026 година, како и Почесното Рациново признание, кое годинава ќе му биде доделено на полскиот лингвист и македонист проф. д-р Маќеј Кавка.

Финансиската поддршка за годинашното издание изнесува вкупно 1 милион и 212 илјади денари, од кои 612 илјади денари се обезбедени од Министерството за култура и туризам, а 600 илјади денари од Општина Велес.

Во програмата се вклучени и повеќе настани: на 8 јуни во дворот на Гимназијата „Кочо Рацин“ ќе се одржи поетско читање и ќе се засадат млади дрвца, додека на 10 јуни ќе започне ултрамаратонската трка од Велес до Лопушник.

На 13 јуни претставници од Општина Велес и здружение од Кичево ќе го посетат спомен-обележјето на Кочо Рацин на планината Лопушник, каде ќе ги пречекаат учесниците на ултрамаратонот.

Свеченото отворање на 15 јуни ќе биде збогатено со настапи на поети од Македонија и странство, како и со два концерта што ќе се одржат на 15 и 16 јуни.