Вакцините против сезонски грип сè уште не се обезбедени во Македонија, а од Министерството за здравство информираат дека интензивно се работи на нивна набавка за вакцинацијата да започне што е можно побрзо.
Како причина за доцнењето од Министерството посочуваат глобален проблем во производството на вакцините.
Оваа година биле променети сите три соеви на вирусот што се користат при производството на вакцината против сезонски грип. Поради тоа, производителите подоцна го започнале производствениот процес, што влијаело и врз достапноста на вакцините.
Дополнителен проблем е што на тендерот за набавка на вакцини во Македонија не пристигнала ниту една понуда.
Од Министерството за здравство велат дека во моментов комуницираат со земјите од регионот и со меѓународни партнери со цел да се обезбедат потребните количини.
Според очекувањата, вакцините би требало да бидат обезбедени во текот на октомври, по што ќе може да започне вакцинацијата.
Од Министерството потсетуваат дека имунизацијата претставува важна заштита од потешките форми на сезонски грип и можните компликации, особено кај ризичните категории.
Во оваа група спаѓаат повозрасните лица, хронично болните и бремените жени.
Надлежните најавуваат дека јавноста навремено ќе биде информирана кога вакцините ќе пристигнат и кога официјално ќе започне вакцинацијата против сезонски грип.







