ПРВ.мк
Економија

Рускиот воен буџет експлодираше – достигна историски максимум

Рускиот воен буџет експлодираше – достигна историски максимум

Русија забележа рекордно високи воени трошоци во првиот квартал од 2026 година, покажуваат пресметките на истражувачот Јанис Клуге од Германскиот институт за меѓународни безбедносни студии, базирани на податоци од руското Министерство за финансии.

Според анализата, во периодот јануари-март годинава за воени цели и производство на оружје биле потрошени 5,908 билиони рубли, што претставува зголемување од 29,9 проценти во споредба со истиот период лани.

Во споредба со 2024 година растот изнесува 68,7 проценти, додека во однос на 2023 година е поголем за 129 проценти. Во споредба со првиот квартал од 2022 година, непосредно по почетокот на војната во Украина, воените расходи се зголемени за дури 4,6 пати.

За првпат од почетокот на конфликтот, учеството на воените трошоци во рускиот буџет достигнало 46 проценти, што значи дека речиси секоја втора рубља од државната каса завршува во армијата и одбранбениот сектор.

Според пресметките, руската воена машинерија во просек трошела околу 2,7 милијарди рубли на час или 65 милијарди рубли дневно, што е приближно 900 милиони долари.

Месечните воени расходи од околу два билиони рубли го надминале годишниот буџет на целиот систем за високо образование во Русија, како и буџетите на сите руски региони освен Москва.

Аналитичарите посочуваат дека најголем дел од растот се должи на класифицирани и недостапни буџетски ставки. Иако официјалните планови предвидувале намалување на воените расходи како удел во БДП, реалните податоци покажуваат спротивен тренд.

Според проценките на Клуге, до крајот на 2026 година воените трошоци на Русија би можеле да достигнат меѓу 9 и 10 проценти од бруто домашниот производ.