ПРВ.мк
Економија

ПАРИ ОД ДРЖАВАТА ЗА ИСТИТЕ ЛУЃЕ ПО ДВА ОСНОВА: Откриени милионски неправилности

ПАРИ ОД ДРЖАВАТА ЗА ИСТИТЕ ЛУЃЕ ПО ДВА ОСНОВА: Откриени милионски неправилности

Државниот завод за ревизија откри сериозни пропусти во системот за социјална заштита во периодот од 2022 до јуни 2025 година. Според ревизорскиот извештај, процедурите не биле целосно усогласени со законските прописи, а биле утврдени слабости во контролите, документацијата и размената на податоци меѓу надлежните институции.

Најголемата неправилност се однесува на 235 корисници кои во текот на 2024 година истовремено примале и социјална помош и пензија. Поради недоволни системски контроли, без законска основа биле исплатени околу 14,5 милиони денари, односно 236 илјади евра.

Ревизорите посочуваат и на недоволна контрола од центрите за социјална работа, нецелосна документација, доцнења во постапките и неефикасно следење на враќањето на неосновано исплатените средства.

Дополнително, било утврдено дека центрите за социјална работа и Агенцијата за вработување не ја спроведуваат доволно ефикасно законската обврска за активирање на невработените корисници на социјална помош. Според извештајот, индивидуалните планови најчесто се обработувале рачно, без доволна координација и редовна комуникација меѓу институциите.

Од Државниот завод за ревизија препорачуваат подобрување на законската рамка, зајакнување на контролите и поголема координација меѓу институциите со цел да се спречат идни злоупотреби и нерационално трошење на јавните средства.