Сојузот на синдикатите на Македонија најавува значително повисоко барање за минималната плата во земјава – од 800 до 850 евра.
Потпретседателот на ССМ, Иван Пешевски, во емисијата „Аргумент плус“ изјави дека претходното синдикално барање од 600 евра веќе не одговара на реалните трошоци со кои се соочуваат работниците.
Според податоците што ги презентираше Пешевски, синдикалната минимална кошничка се приближува до 70.000 денари, додека трошоците за живот во последните две години, според проценките на ССМ, се зголемиле за повеќе од 8.000 денари.
Дополнителен притисок врз семејните буџети, според синдикатот, создаваат и повисоките цени на горивата, бидејќи тие влијаат не само врз трошоците за превоз, туку посредно и врз цените на храната и другите производи.
Од ССМ сметаат дека ниските примања се една од причините поради кои работниците од Македонија бараат подобро платени работни места во странство.
Пешевски најави дека следните чекори треба да ги утврди раководството на синдикатот. Доколку нема напредок во разговорите за платите и трошоците за живот, како можни форми на синдикален притисок ги посочи протестите, блокадите и штрајковите.










