Едно лице е убиено, а четири се повредени во крвав напад со мачета што се случил утрово околу 9:30 часот во женски манастир во градот Јарослав, на југоистокот на Полска, во близина на границата со Украина. Тројца од ранетите свештеници се во критична состојба и се борат за живот.
Полицијата на лице место го уапсила осомничениот државјанин на Украина (31), чие име не е соопштено.
Претставничката на локалната полиција, Ана Длугош, изјави дека напаѓачот со сечило нападнал четири мажи и една жена. Полските медиуми пренесуваат дека сите нападнати мажи се свештеници, додека идентитетот на повредената жена засега не е објавен. Портпаролката на Окружното обвинителство во Пшемисл, Малгожата Тацијух-Курасјевич, потврди дека меѓу жртвите има и свештени лица и верници кои присуствувале на утринската литургија, пренесува „Мирор“.
„Сакаше сите да нè убие“
Иако првичните извештаи велеа дека нападот се случил во самата црква за време на утринската литургија, локалните медиуми пренесуваат дека драмата започнала во кафулето во рамките на Центарот за христијанска култура, кој работи при манастирот, по што напаѓачот упаднал во црковниот простор.
„Едноставно сакаше сите да нè убие. Прво ги прободе таму, а потоа побегна кон црквата. Нападна четири лица – еден свештеник почина на лице место, а друг е во критична состојба и лекарите се борат за неговиот живот“, ги опиша потресните детали од нападот сестра Барбара Дендор, старешина на манастирот.
Мотивот за злосторството непознат
Според нејзините зборови, свештениците успеале да ги спасат верниците од разбеснетиот напаѓач.
„Ние монахињите сме на безбедно, како и децата од градинката која работи во рамките на нашиот комплекс. Сите сме во целосен шок и се молиме за душата на загинатиот и за закрепнување на ранетите“, изјави таа.
Мотивот за ова злосторство засега не е познат, а надлежното обвинителство и полицијата спроведуваат детална истрага на терен.









