Вработен во Министерството за внатрешни работи на Кантонот Сараево починал во Универзитетскиот клинички центар во Сараево, откако за време на полициска операција се случил сериозен инцидент.
Според неофицијалните информации на локалните медиуми, инцидентот се случил откако припадници на Државната агенција за истраги и заштита (SIPA) и полицијата на Кантонот Сараево извршиле претрес во неговиот дом и канцеларија.
Како што пренесува порталот Istraga.ba, акцијата била спроведена во соработка со Европол, а по налог на Судот на Босна и Херцеговина и Обвинителството на Босна и Херцеговина.
Операцијата е дел од меѓународна истрага насочена кон лица осомничени за шверц на оружје, кои се поврзуваат со организирана криминална група предводена од Маџид Рава, познат како „Фокс“.
Според информациите, полициски службеници вчераутро извршиле претрес во канцеларијата на М.Б. во Полициската станица во Илијаш. Во исто време, претреси биле спроведени и на локации во Добој и Братунац, а во акцијата учествувале припадници на МВР на Кантонот Сараево и SIPA.
По претресот на неговата канцеларија, М.Б. побарал да оди во тоалетот. Кратко потоа, во полициската станица бил слушнат истрел. Полициските службеници го пронашле повреден во тоалетот, по што бил пренесен во Универзитетскиот клинички центар во Сараево.
И покрај укажаната медицинска помош, според неофицијалните информации, тој им подлегнал на повредите.
Istraga.ba објавува и информации според кои М.Б. бил поврзан со криминалната организација на Маџид Рава, познат по прекарот „Фокс“, кој наводно раководи со организирана криминална група што главно дејствува во Шведска.
Маџид Рава е познат и под прекарот „Курдската лисица“ (The Kurdish Fox), а според објавените информации ја предводи групата „Фокстрот“








