ПРВ.мк
Македонија

ПО ДОЛГАТА ПОТРАГА: Стојан Чифлигароски се предаде на граничниот премин „Свети Наум“

ПО ДОЛГАТА ПОТРАГА: Стојан Чифлигароски се предаде на граничниот премин „Свети Наум“

Бизнисменот Стојан Чифлигароски, кој подолг период бил недостапен за органите на прогонот, се предал на полицијата на граничниот премин „Свети Наум“.

Од Министерството за внатрешни работи потврдиле дека полициски службеници го лишиле од слобода 44-годишниот охриѓанец со живеалиште во Битола, по кого била распишана централна потерница по наредба на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Чифлигароски е осомничен за кривични дела поврзани со злосторничко здружување, даночно затајување и перење пари, односно дела опфатени со членовите 394, 279 и 273 од Кривичниот законик.

Според неофицијалните информации, тој подолг период престојувал во Соединетите Американски Држави, пред да одлучи да се врати и да им се предаде на надлежните органи.

Чифлигароски во јавноста е познат како сопственик на компанијата „СВ Инвест“, која во меѓувреме се најде во стечај. Фирмата во изминатите години беше предмет на политички обвинувања поврзани со милионски тендери за ископ на јаглен и ангажирање помошна механизација во РЕК Битола.

Случајот беше познат под името „Синџир“ и претставуваше една од поголемите акции на Управата за финансиска полиција и ОЈО ГОКК насочени кон сомнежи за економски криминал.

Истрагата официјално започна во октомври 2023 година, а со неа беа опфатени 26 сопственици и управители на 28 правни лица од Скопје, Битола, Охрид, Кавадарци и Неготино.

Според истрагата, групата, во која Чифлигароски е осомничен како еден од организаторите, преку мрежа на меѓусебни фиктивни фактури избегнувала пресметување и плаќање данок.

Според обвинителните наводи, со таквото постапување државниот буџет бил оштетен за 7.980.627 евра. Средствата за кои постоеле сомнежи дека биле незаконски стекнати, наводно биле внесувани во редовниот платен промет со цел да се прикрие нивното вистинско потекло.

Предметот веќе има развој и пред Кривичниот суд. Дел од директорите и управителите на компаниите опфатени во случајот ја признале вината и склучиле спогодби со обвинителството.

Со спогодбите биле изречени затворски и условни казни, а во државниот буџет биле вратени средства во износ од речиси еден милион евра.

По предавањето на Чифлигароски на полицијата, понатамошната постапка во предметот ќе продолжи пред надлежните институции, при што за неговата кривична одговорност ќе одлучува судот.