Стручната комисија составена од пет меѓународни експерти едногласно заклучи дека состојбата на пациентката не е последица на анестезијата при породувањето.
По загриженоста во јавноста за здравствената состојба на младата мајка од Струмица, која само неколку дена по породувањето се соочи со тешки здравствени последици, беше формирана независна комисија составена од пет експерти од Скопје, Охрид, Белград и Љубљана, со цел да се утврдат сите факти.
Заклучокот на експертите е едногласен – нема лекарска грешка. Според нивната анализа, состојбата на пациентката не е последица на анестезијата при породувањето, ниту пак е пронајден пропуст во лекувањето во трите болници каде што таа била третирана.
Поддршка во процесот на рехабилитација
И покрај стручните констатации, надлежните истакнуваат дека ова не ја намалува тежината на ситуацијата со која се соочува семејството. Родилката во моментов се наоѓа на рехабилитација, каде што веќе се забележуваат првите знаци на подобрување.
Институциите најавија дека ќе продолжат да обезбедуваат целосна поддршка за нејзино понатамошно закрепнување, како и за реализација на дополнителните медицински прегледи што ги препорача комисијата.
Благодарност беше изразена до сите членови на комисијата за нивната професионалност, брзина и темелност во истрагата, со порака дека институциите и понатаму ќе дејствуваат транспарентно, со проверка на сите факти и целосна отчетност пред граѓаните.






