Септемвриското усогласување на пензиите во Македонија ќе изнесува 3 отсто, потврдија од Фондот на пензиското и инвалидското осигурување (ПИОМ).
Новите, усогласени износи пензионерите ќе ги добијат на почетокот на октомври, бидејќи пензиите се исплаќаат за претходниот месец.
Усогласувањето се врши согласно законската формула утврдена во членот 37 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување. Според законските правила, пензиите се усогласуваат двапати годишно – во март и во септември.
При пресметката се земаат предвид два економски показатела. Формулата опфаќа 50 отсто од порастот на трошоците на животот и 50 отсто од растот на просечно исплатената нето-плата во првото полугодие во споредба со претходните шест месеци.
Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека во периодот јануари-јуни индексот на трошоците на животот пораснал за околу 1,17 отсто. Тоа во формулата учествува со приближно 0,585 отсто.
Од друга страна, просечната исплатена нето-плата во истиот период бележи раст од околу 4,75 отсто, што придонесува со 2,375 отсто во вкупното усогласување.
Кога ќе се соберат двата удела, пресметаното усогласување на пензиите достигнува околу 3 отсто, а оваа бројка ја потврди и ПИОМ.
Така, пензионерите ќе го почувствуваат новото зголемување при исплатата на пензиите во октомври, кога ќе бидат исплатени пензиите за септември.









