Грчките царински власти заплениле голема количина цигари и тутун за наргиле во багажот на двајца патници кои на островот Миконос пристигнале од Каиро, со попатно слетување во Атина.
Според Независната управа за јавни приходи на Грција (ААДЕ), при контролата биле откриени вкупно 120.000 цигари, односно 6.000 кутии, како и 4,5 килограми тутун за наргиле, спакуван во пакувања од по 50 грама.
Патниците биле издвоени за контрола по претходно добиени информации и спроведена анализа на ризик. При проверката на нивниот багаж царинските инспектори ја пронашле големата количина тутунски производи.
Од ААДЕ соопштија дека со акцијата било спречено нивно незаконско пласирање на европскиот пазар.
Според пресметките на грчките власти, неплатените царини и даноци за запленетите производи изнесуваат 25.575,57 евра.
Двајцата патници биле уапсени и задржани, а предвидено е да бидат изведени пред надлежниот обвинител.







