ПРВ.мк
Свет

ТЕНЗИИТЕ ГО ТРЕСАТ ПАЗАРОТ: Нафтата повторно поскапува, барелот над 105 долари

ТЕНЗИИТЕ ГО ТРЕСАТ ПАЗАРОТ: Нафтата повторно поскапува, барелот над 105 долари

Цените на нафтата на меѓународните пазари повторно бележат раст, при што европската референтна цена се приближи до 106 долари за барел. Причина за новиот скок е разочарувањето на пазарите од досегашниот исход на индиректните разговори меѓу САД и Иран, од кои се очекуваше напредок кон нормализирање на испораките преку Ормускиот теснец.

На лондонскиот пазар барелот поскапе за 2,81 долар и достигна 105,89 долари, додека на американскиот пазар цената се зголеми за 2,55 долари, на 94,71 долар.

Инвеститорите изминатите денови внимателно ги следеа пораките од Вашингтон и Техеран за време на Генералното собрание на ОН. Иако американски и ирански претставници одржале долги индиректни разговори, нивните позиции за решавање на конфликтот и натаму остануваат значително оддалечени.

Меѓу темите на разговорите биле повторното отворање на Ормускиот теснец и укинувањето на американската блокада. Техеран сигнализирал дека отворањето на теснецот би можело да биде разгледано доколку Вашингтон го намали воениот притисок и ја укине блокадата на иранските пристаништа.

Аналитичарите предупредуваат дека физичкиот пазар на нафта сè уште е далеку од целосно нормализирање. Во цената на нафтата во Лондон и понатаму е вграден значителен геополитички ризик, како и повисоките транспортни трошоци поради нарушувањата на Блискиот Исток и околу Ормускиот теснец.

Податоците на ОПЕК, пак, покажуваат дека барел од нивната референтна „кошница“ во средата чинел 107,69 долари, откако поевтинил за 1,50 долари.