Глумицата Јелена Тинска предизвика опречни реакции во јавноста со својата изјава за местото каде што почиваат познатите личности од естрадата.
Според нејзиниот став, на естрадните уметници не им е местото во Алејата на заслужните граѓани, туку за нив треба да се формира посебно гробиште.
Како што наведе, до овој заклучок дошла откако во Алејата беа погребани легендарните пејачи Шабан Шаулиќ и Џеј Рамадановски.
„За пејачите нека направат естрадно гробиште“
„За пејачите нека направат посебно естрадно гробиште. Нека одат таму нека ги погребуваат, а не во Алејата“, порача Тинска.
Она нагласи дека исклучително го почитува наследството на споменатите пејачи во нивното поле, но дека Алејата првично била замислена во рамките на културата и дека во неа е нарушен редот.
Во своето обраќање, глумицата се допре и до погребот на легендата на српското глумиште, Милан Лане Гутовиќ. Истакна дека не присуствувала на неговото испраќање бидејќи погребите ги смета за интимен чин.
„На погребот на Лане не пријдов бидејќи таков настан за мене е интимен чин. Би сакала на мојот погреб никој да не доаѓа. Не би сакала луѓето да се соберат и да дојдат да гледаат како некој ме закопува во сандук и преку мене фрла земја. Тоа е одвратно! На Лане му симнувам капа затоа што не сакаше да биде во Алејата на заслужните граѓани со ќаикари и криминалци. Таму има многу такви. Од моја гледна точка, тука треба да лежи Тито, па вие видете. Треба да бидат луѓе кои не се криминалци. За пејачите нека направат посебно естрадно гробиште. Нека одат таму нека ги погребуваат, а не во Алејата. Па зарем вие гледате дека тука е Иво Андриќ, а веднаш до него е Шабан Шаулиќ?! Па чекајте, луѓе, има ли тоа смисла?! Секоја чест за Шабан, Џеј и останатите на нивниот план и наследство, но тоа е Алеја на заслужните граѓани, почна така што требаше да биде во рамките на културата“, изјави глумицата пред неколку години за „Српски телеграф“ и додаде дека нејзиниот татко Александар Петровиќ е погребан во Алејата на заслужните граѓани во Белград, па затоа си дава за право да зборува на оваа тема.
„Каде беше таа кога Шабан и Џеј пееја на Бранковиот мост?“
Недолго откако Тинска изјави дека во Алејата не треба да бидат погребувани пејачи на народна музика, реагираше кумот на Џеј Рамадановски, Зоран Јагодиќ Руле, и рече дека смета оти „Џеј, Шабан, Предраг Живковиќ Тозовац, Цуне Гојковиќ се погребани токму таму каде што треба да бидат“ и ја праша Тинска „каде беше таа додека Џеј и Шабан пееја на Бранковиот мост за време на бомбардирањето“.
Таа на ова одговори:
„Во времето на бомбардирањето бев во моето театарче 'Душко Радовиќ' со моите колеги кога падна бомбата на телевизијата и им давав поддршка на мајките и татковците на загинатите додека војниците ги откопуваа деловите од нивните тела. Немам за што да се бранам – и понатаму тврдам дека Алејата на заслужните граѓани треба да се исчисти од олош“, изјави Тинска за „Курир“ и продолжи:
„Не реков дека пејачите не се луѓе, туку дека мојот став е дека на ќаикарите, криминалците и певалките не им е местото во Алејата покрај Иво Андриќ, Зоран Радмиловиќ, Милена Дравиќ, Цуне Гојковиќ, Гага Николиќ“.









