Осумгодишно девојче од американската сојузна држава Луизијана починало од исклучително ретка инфекција предизвикана од амебата Naegleria fowleri, позната по тоа што го напаѓа мозокот.
Лилијан Смарт од Растон починала во болница само кратко време откако го прославила својот осми роденден. Нејзиното семејство соопштило дека девојчето имало сериозен оток и оштетување на мозокот и дека лекарите не успеале да ја спасат.
Се верува дека девојчето се заразило додека пливало во езерото Клејборн, кое се наоѓа на околу 50 километри од нејзиниот дом.
Амебата Naegleria fowleri живее во топли слатководни води. Инфекцијата настанува кога контаминирана вода ќе навлезе преку носот, по што микроорганизмот може да стигне до мозокот. Здравствените власти нагласуваат дека инфекцијата не се добива со голтање вода и не се пренесува од човек на човек.
Иако случаите се исклучително ретки, инфекцијата е многу опасна и најчесто има фатален исход.
Според податоците наведени од здравствените власти во Луизијана, од 1937 до 2025 година во САД биле потврдени само 180 случаи, од кои три во оваа сојузна држава.
Првите симптоми може да вклучуваат силна главоболка, покачена температура, гадење и повраќање. Болеста може многу брзо да напредува, а подоцна да предизвика вкочанетост на вратот, конфузија, халуцинации и губење на рамнотежата.
Научниците предупредуваат и дека зголемувањето на температурите на водата може да создаде услови овој микроорганизам да преживува и во области каде што претходно бил поредок.








