Страшна сообраќајна несреќа се случи минатата среда во близина на германскиот град Нида. Погинаа двајца малолетници, 15-годишното момче Никита и една година помладата девојка Стела, а она што ги шокираше сите беше податокот дека зад воланот на автомобилот од марката „Mazda CX-5“ бил токму настраданиот малолетник, додека во возилото имало вкупно осум деца помлади од 18 години.
Според досегашните резултати од истрагата, автомобилот се движел по патот L3185 во правец кон Глешитен. Во близина на раскрсницата, пред сообраќајниот остров, бил запрен камион со приколка angaжиран на работи за обележување на коловозот. Од засега непознати причини, „маздата“ преминала во левата трака и се забила во приколката. Од силината на ударот, приколката била турната во камионот зад неа, кој потоа удрил во возилото за обележување што се наоѓало зад него.
Автомобилот се запалил, луѓето извлекувале повредени деца
По судирот автомобилот почнал да гори, а неколку млади луѓе останале заглавени во остатоците. Според информациите од пожарникарите, луѓето кои се затекнале на местото на несреќата почнале да ги извлекуваат повредените уште пред доаѓањето на спасувачките екипи, пишува Санџак лајв.
Во пружањето помош и превозот на повредените учествувале и неколку спасувачки хеликоптери.
Полициската истрага утврди дека во „маздата“ се наоѓале вкупно осум тинејџери на возраст од 14 и 15 години. Возачот (15) и девојчето (14) загинаа на лице место. Преостанатите шестмина патници со тешки повреди се пренесени во околните болници, каде што и понатаму се наоѓаат на лекување.
Повредени и работници
Во кабината на камионот се наоѓале тројца работници. Маж (53) е тешко повреден, додека неговиот колега (57) здобил полесни повреди. Третиот работник (28) поминал без повреди и бил пуштен по прегледот на лице место. Неговите двајца колеги се пренесени во болница. Обвинителството во Гисен angaжираше вештак за да се утврди точниот тек и околностите на несреќата.
На кој начин малолетниците дошле до автомобилот е предмет на истрагата која е во тек, поради што полицијата засега не соопштува повеќе детали. Истрагата за причините и текот на несреќата продолжува.
Се огласија родителите на загинатите деца
Автомобилот, според наводите на семејството, му припаѓал на таткото на Никита. Таткото изјави дека неговиот син немал искуство во возење и дека не може да објасни зошто тој ден го земал автомобилот.
Мајката на Стела, Франциска, во меѓувреме раскажа дека ќерка ѝ непосредно пред несреќата ѝ се јавила и ја замолила да дојде по неа. Додека тргнала кон неа, локацијата на нејзиниот телефон престанала да се движи, а мајката набрзо стигнала до полициската блокада на местото на несреќата.
Семејствата на настраданите покренаа и акции за собирање помош за трошоците што следеа по трагедијата.
Повеќе од 150 луѓе се собраа во петокот во Нида за да им оддадат почит на Никита и Стела. Пријателите и членовите на семејствата пуштија балони во небото и оставија пораки за настраданите тинејџери.






